
Со изведување на химната, беседа за Гоце, изведба на инструментални и вокални песни, положување на свежо цвеќе пред спомен обележјето во штипско Ново Село денеска за првпат на поинаков начин се одбележа 120 годишнината од загинувањето на Делчев. Настанот беше во организација на УГД и Општина Штип, а оваа година се вклучени професори, асистенти и студенти кои беа дел од манифестацијата за Делчев.
„Денеска во соработка со Општина Штип заедно организиравме едно малку поинакво одбележување на 120 годишнината од смртта на најголемиот револуционер Гоце Делчев. Во рамки на ова одбележување имаме една мала прогодна програма во која се ангажирани професори, асистенти и студенти од универзитетот, имавме пригодна беседа во чест на Гоце Делчев, изведба на истакнатиот оперски пеач Борис Трајанов во која тој ќе озведе песна за Делчев, како и пригодини инструментални и вокални песни“ – вели Мираковски.
Да се бориме за самостојна, независна, економски развиена држава беше пораката која денеска ја испрати градоначалникот Јорданов на настанот за одбележување на 120 годишнината од смртта на Делчев.

„Заеднички оваа година го организираме одбележувањето на 120 годишнината од смртта на Делчев, но сметам дека на најдобар начин ќе дадеме почит на овој великан, доколку сите заеднички во иднина ја следиме неговата идеја, се бориме за самостојна, независна, економски развиена Република Македонија“ – кажа Јорданов.
Да се споменува името на Гоце Делчев не значи само гордост и чест, значи огромна одговорност, тешина и аманет името достоинствено да се слави.
Лаура Стојанова М-Нет