Штипјанката Ива Колева повикана во репрезентацијата до 17 години – ново признание за талентот од Тим Арена

Младата кошаркарка Ива Колева од Штип и член на ЖКК Тим Арена доби повик во македонската репрезентација до 17 години, која од 19 до 21 јуни ќе настапи на меѓународниот турнир „Рајзинг Старс“ во Букурешт, Романија.
Овој повик претставува уште едно големо признание за талентот и напорната работа на Колева, која со своите настапи го привлече вниманието на стручниот штаб на националниот тим.
Од клубот со гордост истакнуваат дека Штип и Тим Арена продолжуваат да создаваат млади спортисти кои успешно се пробиваат на националната сцена, потврдувајќи ја својата улога како вистински расадник на таленти.
Настапот на Ива Колева во националниот дрес ќе биде нова можност за стекнување драгоцено меѓународно искуство и претставување на македонската кошарка на престижниот турнир во романската престолнина.
Од ЖКК Тим Арена ѝ посакуваат успешен настап со репрезентацијата и нови спортски успеси.