
Штипјанката Андреа Нисева го освои бронзениот медал на Европското првенство за кадети (У-17) кое се одржуваше во Скопје.
Нисева за М Нет телевизија истакна дека конкуренцијата на Европското првенство била тешка додава дека третото место е заслужено.
„Конкуренцијата беше тешка, мислам дека ова место е заслужено и дека овој успех е заслужен поради тоа што беше проследен со голем број припреми, подготовки, со голем број контролни турнир како турнирот во Шведска, Турција. Исто така, се правеа подготовки во Бугарија, во Турција и мислам дека е заслужено“, вели Нисева за М Нет телевизија.
Настапот на Европското првенство и бронзениот медал на Нисева ќе и даде мотив повеќе во иднина за следните предизвици.
„Ова ќе ми даде голема мотивација да продолжа поради тоа што како цел ни се зацртани Олимписките игри, но поматаму во 2026 година не’ очекува Младинските Олимписки игри во Сенегал и тие ќе бидат до 17 години. Патот до тој успех ќе биде тежок, но се надевам на најдобро и ќе тренирам уште подобро“, додава Нисева.
Нисева во борбата за третото место односно бронзениот медал беше подобра од натпреварувачка на Шведска, а претходно во полуфиналето загуби од репрезентативка на Турција, а пак имаше победи над репрезентативка од Унгарија и Франција.
„Првата борба ми беше со натпреварувачка од Унгарија, втората борба ми беше со натпреварувачка од Франција, третата со натпреварувачка од Турција и последната, борбата за медал ми беше со натпреварувачка од Шведска. Најтешка ми беше првата борба поради тоа што најголемиот притисок е на првата борба и противничката исто така беше искусна. Првата борба е секогаш таа борба што треба да те опушти за понатамошните борби“, изјави Нисева за М Нет телевизија.
Нисева имала силна поддршка од трибините што и давало мотив повеќе на теренот за секоја борба, а притоа изрази благодарност до нејзините тренери.
„Поддршката беше многу голема многу сум благодарна на моите тренери, Методи Сичков, Кире Нисев и Гордан Николов. Исто така и на моите клупски пријатели и другари“, додава Нисева.
Следен голем предизвик за Андреа Нисева ќе биде Светското првенство кое ќе се одржува во Грција.
„Уште еден поголем предизвик што ни е во блиска иднина е Светското првенство кое ќе се одржи од 28 јули до 2 август во Атина, Грција и се надеваме на најдоброто“, дополнува младата Нисева.
Младата борачка Андреа Нисева од Штип нижи големи успеси редовно на големите натпреварувања и дома се враќа со медали.
Александар Ванев, М-Нет