Штипјани се потрошија за празниците, слаба побарувачка и покрај непроменетите цени на пазарот

Студено време, слаба побарувачка и купувачи кои веќе се потрошија за празниците – ваква беше сликата овој петок на штипскиот пазар. Утринава продавачите се надеваа дека побарувачката ќе се зголеми во текот на денот, а потврдија и дека има доволно производство засега. Велат оти цените се слични како и минатиот петок со минимални корекции и дека нема да има нивно зголемување, туку намалување во текот на месецот.

И штипјани, главно, не воочуваат некоја разлика во однос на цените од минатиот петок. Но има и такви кои иронично посочуваат оти за вакви високи пензии нема нешто што е скапо. Овошјето најмногу се купува периодов, но барани се разновидни производи за празникот Василица.

Трговците велат дека роба има доволно и се набавува постојано, па ако не се продаде денес, тоа ќе се случи утре. Производителите, пак, велат дека се во сезона на сеидба, а дали ќе има производство ќе се види напролет.

Ребека Спасова М-Нет