
До крајот на месецов треба да биде завршена велосипедската патека до населба Осми ноември во Штип, а до летото целосно уредена и осветлена. Денеска увид ви градежните активности изврши градоначалникот Иван Јорданов, кој истакна дека со ова се реализира едно од предизборните ветувања за подобар штип.
„Од денес па во наредниот период започнуваме со активности за изведба на дополнителна лента на велосипедисти долж целата постоечка пешачка патека од Ново Село до населбата Балканска. Станува збор за инвестиција од Буџетот на Општина Штип во вредност од 10 милиони денари“ – кажа Јорданов.
Новата и прва велосипедска патека во Штип дополнително ќе биде осветлена и уредена со нови реквизити, додаде Јорданов.
„Комплетно ќе се осветли меѓу населби Осми Ноември и Балканска, а ќе се подобри осветлувањето од Ново Село до Осми Ноември. На оваа патека ќе има и дополнителни детски реквизити, парк за домашни миленици, планираме понатаму да се изгради и еден скејт парк“ – додаде Јорданов.
За дополнителните активности кои ќе се спроведат на новата велосипедска патека во Штип ќе бидат обезбедени нови финансиски средства од страна на Буџетот на општината.
Лаура Стојанова М-Нет