Штипско Ново Село целосно се става под заштита, ќе се врши реставрација на куќите

Секоја куќа во штипско Ново Село со процес на валоризација ќе биде под заштита. Иако досега под заштита беа десетина до 15 куќи посебно, сега целосно ќе се исполни законската регулатива за Ново Село како заштитено културно наследство. Од НУ Завод и Музеј Штип велат дека како такво би требало да влезе во генералниот урбанистички план. Со ова реставрацијата ќе биде должност на Локалната самоуправа, меѓутоа и нивните стручни лица ќе дадат свој придонес.

„Ќе се знае што може да се гради, што може да се реконструира, кои куќи се заштитени со поголем степен на заштита… Меѓутоа, цело Ново Село како целина веќе е ќе биде заштитено. Тоа и досега беше заштитено, но со валоризацијата на целото Ново Село веќе сите куќи ќе бидат под заштита. Ќе се знае секоја куќа колку ќе чини, колку може да се реконструира, да се подигаат спратови или да се работи на фасадата. Така што важно е дека законската регулатива веќе ќе биде поставена за цело Ново Село“, истакна Митко Штерјов, директор на НУ Завод и Музеј Штип.

Ова беше централна тема на разговор и меѓу градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и амбасадорот на Бугарија, Ангел Ангелов. Па оттука, Јорданов напомена дека ќе поднесат проектни апликации до сите европски фондови за реставрација на куќите и враќање на автентичноста на Ново Село.

„Наша улога во однос на ова како локална заедница е да иницираме соработка најпрво со приватните лица, физичките лица во чија сопственост се дел од овие куќи, а они куќи коишто се под Општина Штип се наша обврска. Јас жалам што во минатото Општината се откажала од еден финансиран проект од Европската Унија и од Европската Банка за изградба на четири куќи во Ново Село коишто требало да бидат музеј – куќи каде што ќе има одредени содржини за развој на туристичката и културна понуда на овој дел од градот. Сметам дека во наредниот период наша заложба ќе биде да иницираме развој на овој сегмент, најпрво соработка и иницијатива со физичките и приватните лица, а потоа и изработка на проект којшто ќе опфати санација и реставрација на овие куќи коишто ќе наликуваат на староградскиот изглед од 19 век“, додаде Јорданов.

Освен во Ново Село, според Јорданов, историскиот сјај треба да се врати и во другите витални населби како Стар Конак и Исарот. Проектот предвидува креирање туристичка населба со нови содржини кои ќе бидат примамливи за посета и гостување.

Ребека Спасова МНет