
Викендот ќе започне новата сезона во Првата ракометна лига со натпреварите од првото воведно коло.
Во натпреварувачката сезона 2024/2025 ќе се натпреваруваат 18 екипи кои ќе бидат поделени во две групи, група А и група Б со по девет екипи.
Во групата А ќе се натпреваруваат екипите на Астраион од Струмица, Борец, Јехона, Аеродром, Еурофарм Пелистер 2, Кичево, Металург РА, Мулти Есенс и Овче Поле.
Во рамки на првото коло ланскиот суперлигаш Еурофарм Пелистер 2 отвара против некогашниот суперлигаш Борец од Велес, Јехона ќе игра против ланскиот суперлигаш Мулти Есенс, во Струмица соочување на Астраион и Металург РА, а пак Аеродром ќе игра со Овче Поле, а во рамки на првото коло екипата на Кичево ќе биде слободна.
Во групата Б се сместени екипите на Вардар Неготино, Драчево, Македонија ЃП, Младост Богданци, Партизан, Скопје, штипски Текстилец, Шампион и Преспа Вардар.
Во првото коло во групата Б екипата на Преспа Вардар ќе игра со Драчево, ланскиот суперлигаш Вардар Неготино ќе го пречека штипски Текстилец, Македонија ЃП ќе се соочи со амбициозниот тим на Младост од Богданци, Шампион ќе биде домаќин на Партизан. Во првата рунда слободна ќе биде екипата на Скопје.
Во новата сезона главен фаворит за првото место и директниот влез во Суперлигата е Еурофарм Пелистер 2, а во трката за првото место влегува и Младост од Богданци, второпласираниот тим ќе игра бараж за влез во Суперлигата со екипата која ќе биде претпоследна во Суперлигата.
Александар Ванев, М-Нет