
Штипското претпријатие „Исар“ е со добивка од десет милиони денари, според кварталниот Извештај кој денеска се најде на седница на Совет. Според директорот, Кирил Зајков, до добивката се дошло со добра наплата и голем број проекти кои Јавното претпријатие ги извршило по налог на Општина Штип.
„Овој Извештај го рефлектира позитивното работење во претходниот квартал како и во кумулативните девет месеца од тековната година. Јавното претпријатие финансиски се стабилизира и бележи добивка од десет милиони денари се далеку од сумата на пари кои нам како Јавно претпријатие ни се потребни за да ги сервисираме сите обврски кои ги имаме наследено од претходните години, меѓутоа е добар показател дека Јавното претпријатие е на добар пат да се финансиски консолидира како би се насочило кон подобрување на услугите кои ги нудиме кон граѓаните во општина Штип“, истакна директорот Зајков.
Истовремено, намален е и долгот кон добавувачите, и тоа за 40 милиони, кои се исплатени во претходниот период. Сепак, и понатаму огромно задолжување е каматата од 145 милиони денари, вели Зајков.
„Долговите на Јавното претпријатие во претходниот период беа сервисирани, но далеку од тоа дека се сервисирани во целост. Во период кога дојдов јас како директор на Јавното претпријатие обврската кон добавувачите беше 118 милиони, во овој момент Јавното претпријатие должи 78 милиони, но она што нам како Јавно претпријатие ни претставува огромна препрека во работењето е обврската за сервисирање на каматата како долг во Министерството за финансии, кој е во износ од 145 милиони денари“, вели Зајков.
Првиот квартал од оваа година „Исар“ го заврши со загуба од околу 1 милион денари, но веќе во вториот квартал добивката беше 550 илјади денари.
Ребека Спасова М-Нет