
Изминатиот викенд започна новата сезона во ракометната Суперлига на Македонија во женска конкуренција со одигрување на натпреварите од 1. коло, кое ќе се комплетира в четврток со мечот меѓу Шампион и Ѓорче Петров.
Првото коло помина според очекуваното односно фаворитите запишаа победи и успешно ја започнаа новата сезона.
Фаворитот Металург Автокоманда на гостувањето кај Овче Поле во Свети Николе славеше висока победа од 13:33, очекувано Пелистер со 38:12 ја декласираше Гевгелија која имаше сили да постигне по шест погодоци во двете полувремиња. Трите бодови останаа во Битола. Фаворитот Чаир на домашен терен сосема очекувано ја оправда фаворитската улога против Стружанка над која славеше висока победа од 36:16.
Штипски Астибо победнички ја започна новата сезона откако на гостински терен славеше над Скопје со резултат од 28:30, во меч каде Марија Анчева со 16 погодоци беше најдобра на средбата.
Деспина на домашен терен беше поразена од екипата на Вардар со резултат од 21:33. Следниот викенд ќе се одиграат натпреварите од второто коло.
Александар Ванев, М-Нет