
Боксерскиот клуб „Пинк Пантер“ од Штип уште еднаш потврди дека е еден од најуспешните клубови во регионот, освојувајќи ја шампионската титула во Опен Балкан лигата во категоријата „Олимписки надежи“. Штипските боксери на последното, десетто коло во Охрид го заверија првото место во генералниот пласман и по вторпат го подигнаа шампионскиот пехар.
На патот до новиот голем успех, одлични настапи имаа Мухамед Мемедов и Зулфикар Бајрам, кои се закитија со златни медали, додека Кристијан Штрков освои сребрено одличје. Во вториот дел од натпреварувањето настапија и Езел Шабан, Али Расимов, Лазар Димитров, Иса Бајрам и Ненад Наков, кои со своите борби дадоа значаен придонес во конечниот триумф на клубот.
Успехот на штипските „пантери“ е уште поголем ако се знае дека во конкуренција на дури 67 клубови, токму „Пинк Пантер“ се искачи на врвот на табелата. Само на последниот турнир клубот освои вкупно пет златни и пет сребрени медали, што беше доволно за нов шампионски трофеј.
Покрај екипниот успех, клубот доби и две престижни индивидуални признанија. Александар Панов беше прогласен за најдобар техничар на турнирот, додека Иса Бајрам го понесе признанието за најборбен боксер, потврдувајќи го квалитетот и борбениот дух што ги красат штипските боксери.
Тренерот на БК „Пинк Пантер“, Петре Чурулиновски истакна дека оваа титула е резултат на напорната работа, дисциплината и посветеноста на спортистите и тренерскиот тим, а новиот шампионски пехар претставува уште една потврда дека штипскиот бокс продолжува да создава шампиони и да биде гордост на градот.