
Просторот во близина на главната крстосница во штипската населба Сењак доби нов лик како мини-плоштад за жителите. Станува збор за уредување со павер-елементи, урбана опрема и хортикултурно уредување, активност во рамки на општинската програма. Градоначалникот, Иван Јорданов, денеска посочи дека истата е на барање на жителите и вели оти се надева дека ќе им биде модерен простор за користење.
„По третирањето и уредувањето на главната крстосница во населба Сењак, се отвори потребата и за уредување на просторот којшто жителите од оваа населба го третираат како мини-плоштад во една од најголемите населби во нашиот град, населбата Сењак. Одлучивме овде да го уредиме со павер-елементи, со поставување клупи, урбана опрема и хортикултурно да го уредиме просторот“, истакна Јорданов.
Во оваа населба ќе следи и асфалтирање на простор за паркирање на возилата. Јорданов посочи дека тоа е дел под главната крстосница кој и сега се користи за таа намена, но е со земјени наноси.
„Веднаш по завршувањето на оваа активност, ќе се насочиме на уредување на една површина, којашто е во близина на главната крстосница во населба Сењак за асфалтирање на еден простор кој е паркиралиште на автомобилите. Со тоа очекувам дека ќе се модернизира и урбанизира еден дел којшто е, навистина, доста раздвижен, со поголема фреквенција и на пешаци и на возила“, додава Јорданов.
Вкупната инвестиција за мини-плоштадот во населба Сењак од Буџетот на Општина Штип, односно парите на граѓаните, е во износ од 600.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет