Шкендија преку соопштение алармира за неправда: ,,Фудбалот треба да се решава на терен, а не на маса”


Фудбалскиот клуб Шкендија од Тетово излезе со реакција по натпреварите од 22. коло во Прва македонска фудбалска лига, обвинувајќи за сериозни судиски неправди и нарушување на интегритетот на натпреварувањето.
Од тетовскиот клуб соопштија дека долго време одлучиле да молчат, надевајќи се дека надлежните институции ќе преземат мерки за да се обезбеди фер и праведно натпреварување. Сепак, според нив, случувањата на натпреварите ФК Шкендија – ФК Брера Струмица и ФК Силекс – ФК Вардар ја прелеале чашата.
„Скандалозните одлуки на судиите, кои во повеќе наврати го фаворизираат Вардар, сериозно го нарушуваат интегритетот на првенството и создаваат опасна перцепција за начинот на кој се администрира елитното натпреварување“, се вели во реакцијата на клубот.
Од Шкендија потенцираат дека нивното досегашно молчење било знак на доверба дека ќе има институционална реакција, но дека тоа, како што наведуваат, било протолкувано како слабост.
Во реакцијата се нагласува и дека инвестициите во клубот се целосно приватни и резултат на труд и жртва со цел да се изгради сериозен клуб кој достојно ја претставува државата и на меѓународна сцена. Токму преку настапите во европските натпреварувања, според клубот, Шкендија донела придобивки не само за себе, туку и за домашната лига и фудбалот во државата.
Од тетовскиот клуб предупредуваат дека доколку продолжи, како што велат, нерамноправниот третман и спорните судиски одлуки, сериозно ќе биде доведено во прашање продолжувањето на нивните инвестиции во ваква средина. Воедно, најавуваат дека за текот и случувањата во првенството ќе ги информираат и меѓународните институции, вклучително и УЕФА.
„Фудбалот треба да се решава на терен, а не на маса. Шкендија не бара ништо повеќе од тоа“, порачуваат од клубот.