
Вчера со два натпревари беше отворено последното 13-то есенско коло од Третата лига – Север. Куманово е есенски шампион откако на домашен терен со 3:1 славеше над Башкими Љуботен.
Фаворитската улога беше на страната на домашниот тим кој на полувреме со голот на Иљази имаше 1:0. На стартот од вторито ел Сулејмани погоди за 2:0, а потоа Томовски зголеми на 3:0 во 75. минута. Една минута подоцна Есени ги постави конечните 3:1.
БВК Коњаре со 2:0 на домашен терен го доби Петровец и со триумф го затвори есенскиот дел. Гезим Бакиевски беше двоен стрелец за победата на неговиот тим.
Денес гледачите на телевизија М Нет преку спортскиот канал М Нет Спорт имаа можност да ја проследат мега пресметката меѓу второпласираната Шкендија Арачиново и третопласираната Фортуна во меч каде домашниот тим со 3:2 запиша огромна победа на патот кон освојување на првото место каде што е Куманово.
Во последното есенско коло од Трета лига – Север гледачите на телевизија М Нет проследија атрактивен натпревар со пет гола. Беќири уште во 3. минута погоди за 1:0 и водство на Шкендија, а пак Алији во 12. минута постигна гол за 2:0.
Раното водство за Шкендија направи притисок кај Фортуна која во 43. минута со гол од пенал на Шаип намали на 2:1 на полувреме.
Во второто полувреме Беќири во 62. минута погоди одново за 3:1, а пак Реџепи во 68. минута ги постави конечните 3:2.
Некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ на домашен терен со минимални 1:0 славеше над Аеродром со голот на Зоран Тасески.
Бутел на домашен терен одигра 2:2 со ланскиот второлигаш Пехчево Скопје. За домашниот тим Светковски и Караиванов беа стрелци, а за гостите Јакуповски и Мехмети.
Риниа забележа убедлива победа од 7:1 над некогашниот второлигаш Кадино на домашен терен. Орхан Мифтар беше стрелец на пет погодоци, а пак Јусуфи и Таири погодија по еднаш. За гостите Мартин Лазев беше единствен стрелец.
„Фенерџијата“ ССК Нова забележа нова победа на домашен терен откако со 1:2 загуби од Беса Влазрими. Гостинската екипа преку Ајдини и Бајрами дојде до водство од 0:2 веќе во 28. минута, а на пет минути пред крајот на првиот дел Антонио Митрев постигна гол за конечните 1:2 бидејќи во второто полувреме мрежите мируваа.
Лидер на табелата и есенски шампион е Куманово со 34 бодови, Шкендија Арачиново е втора со 33 бодови, на делба на третото место со по 29 бодови се Фортуна и Еуромилк ГЛ. На 5. место со 26 бодови е БВК Коњаре, Кадино е шест со 22 бодови, а пак Беса Влазрими која е седма има 19 бодови. На осмото место е Риниа со 15 бодови, а пак Башкими Љуботен и ланскиот второлигаш Пехчево Скопје со по 14 бодови го делат деветтото место.
Аеродром е на 11. место со 8 бодови, Бутел е на 12. место со седум бодови, Петровец е претпоследен со 5 бодови, а на дното е ССК Нова без бодови.
АВТОР: Александар Ванев