
Дебитантот во Првата македонска фудбалска лига, Шкендија Арачиново промовираше уште две засилувања се работи за Енис Фазлагиќ и Мевлан Адили.
На стартот од новата сезона тимот од Арачиново доживеа пораз од 3:0 од Струга Трим Лум, а сега со овие две засилување дебитантот ја зголемува конкуренцијата во сопствените редови.
Фазлагиќ е поранешен репрезентативец на Македонија со еден настап во сениорскиот тим, а ги помина сите младински категории на македонската фудбалска репрезентација. 26-годишникот во македонскиот фудбал настапуваше за Скопје и Шкендија, а меѓународна кариера градеше во Полска и Словачка, како и во Албанија настапувајќи за Вора.
Искусниот Адили пак низ неговата кариера беше дел од Шкендија и Шкупи во македонскиот фудбал, а во странство настапуваше за екипи од Романија, Литванија, Албанија, Русија и Косово. Со Фазлагиќ во средниот ред и Адили во дефанзивата Шкендија Арачиново добива на квалитет за сезоната која започна минатиот викенд.
Во рамки на второто коло Шкендија Арачиново на домашен терен ќе се соочи со Силекс.
Александар Ванев, М-Нет