Шест месеца се учеше од учебник полн со грешки, експертите со реакции на сметка на МОН

Не престануваат реакциите на експертите кои работеа на забелешките кон спорниот учебник по Историја и општество за петто одделение. Од Здружението на историчари посочуваат дека иако барање за повлекување поднеле уште во декември, МОН одлучи учебникот да го повлече по шест месеца. Според нив, Министерството го докажува несериозниот пристап кон воспитно-образовниот процес, со што се нанесува и сериозна штета врз развојот на учениците.

„Тоа е најстрашното нешто, бидејќи самото тоа што ќе усвоите вие погрешна материја, вам не ви овозможува понатаму да напредувате. Јас имам изрека којашто постојано ја повторувам, а тоа е дека апсолутно неписмен човек е подобро отколку накриво научен. Оној што е апсолутно неписмен сепак има шанса да научи, а оној што е накриво научен во суштина му ја одземате шансата понатаму да се развива правилно, бидејќи онаа основа што сте ја ставиле не е соодветна и врз неа ништо не може да се надгради“, вели историчарот Васко Гичевски.

Историчарите за учебникот имаа 30 страни забелешки, но грешки имаше и во областите од географија и граѓанско. Учениците требаше да учат дека источен сосед ни е Албанија, а западен Бугарија или, пак, дека Стариот век се поклопува со Античката историја. Погрешни податоци имаше и за изградбата на Стоби и Хераклеа, а, според овој учебник, Кокино е човечки направена градба, иако е природен објект кој човекот само го модифицирал за своите потреби. За учебник со толку многу грешки државата потроши нешто повеќе од 15 милиони денари.

„Целиот учебник, сума сумарум е ужас во боја. Досега не се случило барем јас како што паметам, еден учебник да биде комплетно повлечен заради грешки. Досега имало парцијални повлекувања, но целосно да биде повлечен учебник по Историја не се случило. Учебникот чинел 14.645.816 денари, што се средства потрошени за дистрибуција и печатење, 275.175 денари се авторски хонорар и 1.029.300 денари се за Националната комисија којашто требаше да го спречи сето ова“, додава Гичевски.

Инаку, петтоодделенците пред крајот на учебната година го добија и учебникот по Македонски јазик, во истовреме кога и останаа без Историја и општество. Од Здружението на историчари повторно го потенцираа и ставот дека предметот Историја во шесто одделение треба да остане посебен предмет.

Ребека Спасова М-Нет