
Шампионот во Првата македонска фудбалска лига екипата на Струга Трим Лум за новата сезона квалитетно се засилува. Досега стружани претставија засилувања со квалитетно искуство, а последно е Ланре Кехинде кој доаѓа од редовите Гостивар. Нигериецот потпиша едногодишен договор со новиот клуб.
Новото засилување главно игра како централен напаѓач, но исто така може да игра и на десната страна во нападот. Минатата сезона во Првата лига Кехинде постигна 12 гола и имаше пет асистенции во 23 натпревари.
Кехинде до последно коло се бореше за најдобар стрелец во Првата лига, откако Марушиќ од Воска Спорт заврши како најдобар стрелец со 17 погодоци.
Струга отпатува за Братислава, каде утре ќе го одигра првиот натпревар против Слован во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Струга која е предводена од искусниот стратег Ќатип Османи ова лето е засилен со девет нови фудбалери.
Стружани утрово од охридскиот аеродромот „летна“ за Виена, од каде ќе продолжи со автобус кон Братислава. Натпреварот се игра на стадионот „Техелне поле“ во Братислава со почеток од 19 часот.
Александар Ванев, М-Нет