Шампионот ги вклучи моторите: Еурофарм Пелистер почна со подготовки

Шампионот на Македонија, РК Еурофарм Пелистер, денеска официјално ги започна подготовките за вториот дел од сезоната, со работен состанок и прв тренинг одржан во спортската сала Боро Чурлевски.

Поради настапите на Европското првенство кое ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка, битолчани во овој момент се без девет репрезентативци. Првата тренинг-сесија беше реализирана под водство на асистент-тренерот Алексо Лембанов, кој го предводеше стартот на подготовките.

Во наредните денови се очекува пристигнувањето на новиот шеф на стручниот штаб, Стевче Алушовски, по што ќе следува и комплетирање на ростерот со доаѓањето на Алем Хаџиќ и Саид Хаидарирад.

Во текот на месец јануари, Еурофарм Пелистер ќе ги одработи подготовките во Битола, а планирано е и одигрување на неколку контролни натпревари. Првиот официјален дуел во Суперлига е закажан за 7 февруари против Еурофарм Пелистер 2, додека европските предизвици продолжуваат на 19 февруари, кога пелистерци на домашен терен ќе го пречекаат Висла Плоцк во рамки на Лига на шампиони.