
Астибо немаше сили за апсолутниот фаворит Чаир кој пред својата публика лесно стигна до нова висока победа – славејќи со 41:22, во мечот од 12. коло на женската ракометна Суперлига.
Само во првите десеттина минути имаше резултатска израмнетост, потоа Чаир влезе во неверојатна серија и од 11:7 стигна до 21:7 на полувреме.
Во вториот дел започна да се полни мрежата на Астибо кој немаше одоговор за перфектниот напад на Чаир, а на крај конечниот исход беше 41:22.
Штипјанката Габриела Величковска која настапува за Чаир постигна девет гола во мрежата на Астибо, а пак кај штипскиот тим двете засилувања од Ангола, Жанет Вероника Хомба и Мауде Кумбелембе Бартоломео постигнаа по седум гола.
Спартак останува „закован“ на дното без ниту еден триумф откако загуби на гостување кај Куманово со резултат од 39:31. Домашниот тим кој беше фаворит на овој меч ја оправда фаворитската улога со сигурна победа.
Вардар со победа се врати од Битола каде со 21:30 го доби тимот на Пелистер, а пак шампионот Ѓорче Петров го доби дербито со Металург Автокоманда славејќи со 31:27 – натпревар полн со предизвици и пресврти.
Емилија Ризоска беше најдобар стрелец за „лавиците“, а пак Сузана Зечевиќ беше најдобра кај тимот од Автокоманда.
На врвот голема неизвеснот – со по 21 бод Ѓорче Петров и Металург Автокоманда го делат првото место, а пак Чаир е трет со 20 бодови. Тимот на Вардар е четврти и на своето конто има 14 бодови, па следува Куманово како петти со девет бодови.
Екипата на Астибо од Штип е шеста со седум бодови, а на дното се Пелистер со два бодови како претпоследен и Спартак како последен со два бодови и единствен тим кој нема триумф во Суперлигата.
Александар Ванев, М-Нет