
Раздвижено централното градско подрачје во Штип, на ден пред Осми Март граѓаните купуваат подароци за своите сакани, а продавчите ги нудат најубавите цвеќиња. Циклама, виола – пролетни цвеќиња во изобилство можеа да се забележат на тезгата на штипјанката Македонка. Цвеќињата се насадени во есен, за да бидат готови во пролет и достапни за граѓаните. Има доволно во градината на Кукушеви која се наоѓа во населба Баби. Цвеќиња ќе се продаваат денеска и утре.
„Имаме циклами, јаглика, виола, пролетни цвеќиња има. Кај нас цените на цвеќињата се достапни за џебот на граѓаните. Со години е истата цена. Купуваат и мажи, на овој ден и утре купуваат сите и повозрасни и деца купуваат сите. Има доволно цвеќиња и скромно не се многу скапи и квалитетни се“ – вели Кукушева.
Некој на сопругата, друг на сестра, пријателка, родинина, граѓаните на терен во Штип побрзаа да купат цвеќе или подарок за своите блиски. Согласни дека овој празник треба да продолжи да се негува и одбележува на соодветен начин.
„Купивме, цвеќнце на сестра ми, на колешката и купив украс.“ – велат граѓаните.
Во меѓувреме празникот на жената се одбележува и со разни собири, излегувања и дружење.
Лаура Стојанова М-Нет