Хуманоста обедини: Вардар и Црвена Звезда одиграа натпревар за Кочани пред над 25.000 гледачи

Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје беше сведок на емотивна вечер во која фудбалот и хуманоста се споија во едно. Најтрофејниот македонски клуб Вардар и поранешниот европски шампион Црвена Звезда одиграа хуманитарен натпревар во чест на настраданите од трагедијата во Кочани.

Пред повеќе од 25.000 гледачи, арената блескаше во посебно светло. Атмосферата беше исполнета со емоции, солидарност и искрена поддршка за сите кои беа погодени од трагедијата. Навивачите приредија импресивна кореографија, испраќајќи порака за единство и надеж.

Натпреварот започна со водство на Вардар, откако Михаил Маневски ја затресе мрежата на гостите и ги донесе домашните во водство од 1:0. Сепак, српскиот шампион одговори со три погодоци – Лука Илиќ го изедначи резултатот, а потоа Александар Катаи и младиот Урош Сремчевиќ ги поставија конечните 1:3 за Црвена Звезда.

И покрај резултатот, победник на вечерта беше хуманоста. Овој настан покажа дека фудбалот има сила да обедини, да донесе надеж и поддршка таму каде што е најпотребно.

Со надеж дека Вардар и Црвена Звезда повторно ќе се сретнат на теренот, но овојпат по убав повод и со уште посилни емоции – останува сеќавањето на една вечер која ќе се памети долго.

Александар Ванев, М-Нет