Хаџи-Кимов пред дуелот со Башкими: Во Прва лига нема слаби противници, нема потценување и опуштање против никој

ФОТО: ФК Брегалница

Брегалница утре во меч под рефлектори ќе го отвори четвртото коло на Првата македонска фудбалска лига, на домашен терен против разнишаниот Башкими. За „сините“ на Никола Кузманов ова ќе биде дуел во кој ќе се бара втора сезонска радост, а пак Башкими доаѓа во лоша серија со три порази од толку натпревари.

Фудбалерот на Брегалница, младиот штипјанец Благој Хаџи-Кимов вели дека нема потценување и опуштање против никој, се надева дека со поддршка од верната публика и амбиентот во вечерен термин да се стигне до триумф и нови три бода.

„Се подготвуваме максимално сериозно за секој натпревар и следен предизвик. Ова е Прва лига, нема слаби противници, нема потценување и опуштање против никој. Хемијата во екипата е на највисоко ниво, целиот фокус е петок и натпреварот против Башкими на домашен терен. Вечерниот термин под „Исарот“ и пред нашата верна публика за нас е само мотив плус за добра игра и нови три бода“, вели фудбалерот на Брегалница, Благој Хаџи-Кимов.

Брегалница досега има скор од една победа над Арсими од 4:0 на домашен терен и два порази на гости од Вардар (2:0) и Шкендија (4:1), а пак Башкими во Штип доаѓа како единствен тим без бодови, но и без постигнат гол откако губеше со Силекс во Кратово со 6:0, дома од Тиквеш со 0:5 и во гости од Арсими со 1:0.

Натпреварот меѓу Брегалница и Башкими се игра утре (петок) од 19 часот на Градскиот стадион во Штип.

Александар Ванев, М-Нет