
Денес во Фудбалската федерација на Македонија и Комисијата за женски фудбал денеска во „Куќа на фудбалот“ ја претставија идејата за брендирање и препознатливост на Прва женска фудбалска лига.
Целта на ФФМ е со брендирање на Првата женска фудбалска лига да инспирираат повеќе девојка да бидат дел од фудбалот. Според ФФМ преку изградба на силен бренд за елитното женско натпреварување ќе значи и обезбедување на подобра видливост на женскиот фудбал, подобрување на свеста, но да им се помогнеме на играчите, клубовите и сите директно вклучени да се гордеат да бидат дел од такво натпреварување.
„Фудбалската федерација на Македонија во 2021 година за прв пат усвои стратегија за Женски фудбал. Првиот столб на стратегијата е Видливост и Перцепција. Низ истражувањата кои ги спроведовме подготвувајќи ја стратегијата беше утврдено дека женскиот фудбал во Македонија има потреба од поголема препознаеност и видливост и тоа во сите свои сегменти, од лиги до национални тимови. Овој проект за брендирање на Првата женска фудбалска лига се однесува токму на зголемувањето на видливоста и препознатливоста на натпреварувањето кое од година в година се повеќе се развива. Искрено се надеваме дека овој прв чекор ќе придонесе кон поголема популаризација и развој на женските натпреварувања во иднина, изјави потпретседателот на ФФМ, Лазар Ракиџиев.
Имплементација на проектот во првата фаза се состои од изработка на визуелни решенија (брендинг) за стадионите од Прва женска фудбалска лига и продукција на директни преноси (стриминг) на дерби натпревари од Прва женска фудбалска лига.
Во Македонија има две женски фудбалски лиги. Телевизија М Нет детално известува за Првата и втората женска фудбалска лига преку анализи, извештаи со стрелци за натпреварите, трансфери и целокупно известување за случувањата во двете лиги. Во првата лига се натпреваруваат 10 екипи, а ЖФК Љуботен оваа пролет ќе се бори да ја одбрани титулата. Во Втората лига се натпреваруваат осум екипи, а ЖФК Атлетико и ЖФК Вардар ќе се борат за првото место кое директно води во Првата лига, додека пак второпласираната екипа игра бараж за влез во елитата со деветтопласираната екипа од Прва лига.
Александар Ванев, М-Нет