Фудбалерите и раководството на Осогово на прием кај градоначалникот Грозданов по победата над Брегалница

Градоначалникот на општина Кочани, Владко Грозданов заедно со претседателот на советот на општината, Александар Андов остварија средба со фудбалерите на раководството на фудбалскиот клуб Осогово, средба која доаѓа по минималната, но големата победа на „жетварите“ над Брегалница во Штип.

Осогово влезе во серија позитивни резултати, со кои направи прогрес до осмото место на табелата со 23 бодови, односно тимот има серија од еден порази, едно реми и три победи на последните пет средби, од кои двете победи се во низа.

На средбата се разговарало за актуелните состојби во клубот, резултатите, но и амбиции за продолжението од сезоната, но исто така била отворена и темата од потребите поврзани со реализација на неколку важни инфраструктурни проекти.

На средбата била истакната подготвеноста општина Кочани да продолжи да вложува во спортот, создавајќи подобри услови за младите и за развој на спортските колективи. На средбата градоначалникот Грозданов и претседателот на советот Андов, ги информирале фудбалерите и раководството на Осогово за можностите кои локалната самоуправа ги има за поддршка на клубот, како преку општинскиот буџет, така и преку апликации за проекти финансирани со државни средства.

Од ГФК Осогово изразија благодарност за интересот и поддршката, потенцирајќи дека ваквите средби даваат дополнителен мотив за уште подобри резултати, а притоа на градоначаникот Грозданов му врачија подароци со Медо, новата маскота на Осогово. Производите на Медо се пуштени во продажба, а собраните средства ќе бидат наметени за клубот.

Веќе утре екипата на Осогово на домашен терен ќе се соочи со Новаци, во меч од последното есенско коло на Втората лига, а натревар кој ќе го следите во живо на М Нет телевизија.

Александар Ванев, М-Нет