Фризерници, семкарници, бутици ќе плаќаат данок од следната година, ССК реагира на измените

Занаетчии, фризерници, мали трговци, семкарници и бутици од следната година ќе плаќаат данок. Ова доаѓа со промените кои се планираат во Законот за данок на добивка, кој е веќе во Собрание. Од Сојузот на стопанските комори реагираат дека со укинување на постојното ослободување од обврската за плаќање на годишен данок на вкупен приход на субјектите со остварен вкупен приход во годината до 3.000.000 денари, како што се предлага со законските измени, се создава дополнително даночно оптоварување за околу 50.000 деловни субјекти што не е во духот на првично оданочување.

„Со цел заштита на опстанокот на микро и мали деловни субјекти бараме да не се укинува досегашното ослободување од данокот на добивка на оние кои имаат промет до 3 милиони денари, како би можеле да продолжат да работат непречено. Втора клучна забелешка на истиот предлог закон е одредбата со која се предвидува обврска за плаќање на петкратен износ на данокот во случаите кога даночниот обврзник документирано не докаже дека даночното ослободување го искористил за вложувања во материјални средства и во нематеријални средства за проширување на дејноста. Овој начин на правно регулирање на постапката остава простор за субјективно одлучување и казнување, намалување на инвестициите кај компаниите, можност за коруптивни активности како и значајно дестимулирање за инвестирање и проширување на капацитетите кај даночните обврзници.“ – велат од ССК.

Законското решение, кое се предлага, според нив, нема развојна димензија, не кореспондира со разумни одлуки. Законските одредби создаваат нејаснотии и несигурност во работењето кај даночните обврзници и затоа Сојузот на стопански комори на Македонија е на став дека казнените одредби треба да се водат согласно со Законот кој ги уредува прекршоците и истите се веќе уредени во материјалниот Закон за данок на добивка.

Исто така, од таму забележуваат дека прелогот воопшто не бил објавен на Електронски национален регистар на прописи, а измените се носта во брз постапка без да се остави период на прилагодување и соодветно планирање од страна на компаниите.

Ребека Спасова М-Нет