
Синоќа во СРЦ „25 Мај“ во Радовиш се одигра големо финале од футсал Купот на Македонија каде екипата на Форца ја одбрани Куп-титулата совладувајќи го Осогово од Крива Паланка со 5:4.
Тешко финале со многу погодоци, многу шанси, Осогово беше силно мотивиран во неговото прво историско финале да дојде и до прва историска титула, против Форца која триумфираше и одново ја освои двојната круна.
„Како што видовте и сами баш финале какво што заслужува публиката овде во Радовиш да погледне и цела Македонија. Неизвесно до самиот крај одличен натпревар, впрочем и екипата на Осогово влезе доста борбено, доста мотивирано, они со самото влегување во финалето си испишаа некоја своја инсторија, меѓутоа беа доста мотивирани и доста борбени се трудеа до крајот на натпреварот да го освојат оваа финале. Ние за жал имавме неколку пехови на повредени играчи, како што видовте и самите меѓу Драган Петровиќ, јас којшто одиграв само некои две минути можеби на натпреварот. Така да, ете во однос на тоа сепак успеавме да ја одбраниме титулата да освоиме повторно дупла круна и да ја завршиме оваа сезона баш како што си очекувавме и ние“, рече Зоран Левески во изјава за М Нет телевизија.
По само една минута игра Давид Ристовски постигна гол за 0:1 и водство на Осогово, но потоа веднаш врати Форца откако искусниот Зоран Левески постигна гол за 1:1, а веднаш потоа Форца направи и пресврт со вториот гол на Зоран Левески и погодокот на Јасир Секири за 3:1. Пред крајот на првиот дел Кристијан Станојковски погоди за 3:2 на полувреме.
Во вториот дел одново брз гол откако Станојковски постигна втор гол за 3:3, веќе во 23. минута Осогово направи пресврт на 3:4 и со тоа тимот од Крива Паланка имаше нова предност.
Форца преку капитенот Таулант Исмаили дојде до ново израмнување од 4:4 во 28. минута, а четири минути подоцан Артан Јунузи погоди за конечни 5:4.
„Финалето како финале секогаш е тешко финале. Но, ние почнавме добро, но на пола натпревар се соочивме со големи повреди Зоран Левески ни се повреди, Драган Петровиќ се повреди имавме три играчи повредени само со една измена. Така ни се отежна натпреварот видовте и вие како се одвиваше натпреварот на крај драма беше, но сепак искуството доаѓа во предвид“, рече тренерот на Форца, Газменд Хисејини во изјава за М Нет телевизија.
Натпреварот беше тежок пред се за Форца која имаше и повредени играчи, но сепак искуството го направи своето.
„Како да кажам тежок натпревар секако, но ние бевме во улога на фаворити со освојување на шампионската титула. Имавме императив да го одбраниме Купот од минатата година. Имавме неколку повредени играчи што ни влијаеше во ростерот на целиот натпревар да наметнеме ритам, да наметнеме темпо, меѓутоа сепак, квалитетот дојде до израз и на крај со пресврт од 5:4 за нас“, изјави Драган Петровиќ за М Нет телевизија.
Форца ја освои двојната круна, а пред тимот од Куманово сега се европските предизвици и квалификациите за Лигата на шампиони.
Александар Ванев, М-Нет