
Над 39 милиони денари штета причини невремето кое минатата година во три наврати го погоди Лозово. Уништен беше движен и недвижен имот, а Комисијата за штети при Општината прифати вкупно 260 барања од населените места во Лозово. Елаборатот е изработен согласно со единствената методологија за проценка на штети, вели градоначалникот, Бошко Цветковски.
„Да, овде станува збор за движен и недвижен имот, односно и за земјоделски површини. Конечниот број на барања за проценка е 260, односно во Каратманово 69, Дорфулија 70, Лозово 104, Милино 3, Аџиматово 9, Ѓуземелци 4 и Ќоселери 1. Вкупната проценета штета за физички и правни лица изнесува 39.024.513 денари. Исто така, треба да кажеме дека утврдената конечна причинета штета е добиена на тој начин што количината на штета на производот е помножена по цената на еден килограм и од пресметаната сума за обештетување одбиени се околу 15% како дел од нереализирани трошоци. Тоа се трошоци за берба, транспорт, амбалажа и слично за да може да имаме еден комплетен производ“, вели градоначалникот Цветковски.
Засега елаборатот има добиено зелено светло од Советот на Општина Лозово и истиот е испратен до Влада. Кога парите ќе легнат на сметка на оштетените граѓани, ќе се знае согласно со она што ќе биде договорено на една од седниците. Цветковски вели дека комуницирале со министерот и им било посочено дека ќе излезат во пресрет на оштетените.
„Во моментот сѐ што требаше да биде изработено од наша страна и што требаше да биде доставено во законскиот рок согласно со она што го пишува во методологијата за изработка, ние го направивме и истиот е доставен до Влада. Имавме комуникација со министерот за земјоделие во неколку наврати и ни беше ветено дека ќе излезат во пресрет на граѓаните, односно на земјоделците во конкретниов случај и дека ќе бидат обештетени согласно со она што ќе биде договорено на Влада“, додава Цветковски.
Општината со силно невреме беше зафатена во мај и јуни минатата година и тоа во три наврати во растојание од само неколку дена. Лозови насади, овоштарници, житарици, движен и недвижен имот претрпеа штета во невремето, а проценката на штетата заврши на крајот на месец јуни.
Ребека Спасова М-Нет