ФК Шкупи со кадровско засилување во стручниот штаб

фото: ФК Шкупи

ФК Шкупи официјално соопшти дека Ферид Весели е нов член на стручниот штаб, каде ќе ја извршува функцијата кондициски тренер, како дел од тимот предводен од шефот на стручниот штаб Еркан Мурсели.

Весели е добро познато име за клубот, со оглед на тоа што со години беше дел од Шкупи и преземаше одговорности и во најпредизвикувачките периоди. Неговиот континуиран ангажман во физичката подготовка на фудбалерите претставува значаен придонес во функционирањето и стабилноста на тимот.

За улогата кондициски тренер, Ферид Весели поседува и официјална лиценца од Фудбалската федерација на Албанија, што, како што истакнуваат од клубот, е дополнителна потврда за професионалниот пристап и сериозноста во неговата работа.

Од Шкупи нагласуваат дека вклучувањето на Весели во стручниот штаб претставува чекор кон враќање на довербата и стабилноста во екипата, со јасна цел – подобра физичка подготвеност и поголема конкурентност во продолжението од сезоната.

Со ова кадровско решение, „сино-белите“ продолжуваат со комплетирање на стручниот тим, најавувајќи посветен и систематски пристап кон предизвиците што следуваат.