
Фудбалскиот клуб Работнички преку официјално соопштение реагираше на, како што наведуваат, инсинуациите и можните обиди за задкулисни игри поврзани со резултатот од пријателскиот натпревар против Охрид Лихнидос.
Од таборот на „романтичарите“ потенцираат дека клубот, кој има долга традиција и спортски интегритет, секогаш е посветен на фер-плејот, витешката игра и негувањето на вистинските спортски вредности. Во соопштението јасно се наведува дека ФК Работнички на ниту еден начин не е вмешан во какви било неспортски активности или договорени сценарија околу споменатиот натпревар.
„Единствената цел на клубот е што подобра подготовка на екипата за вториот дел од сезоната, а пријателскиот натпревар беше одигран исклучиво со чисто спортски намери“, стои во реакцијата на Работнички.
Од клубот додаваат дека и во иднина ќе вложуваат максимални напори за чист и чесен фудбал, со почит кон противниците и натпреварувањето, нагласувајќи дека стојат целосно на располагање на Фудбалската федерација на Македонија за секоја можна соработка или помош.
Со ова соопштение, ФК Работнички сака јавно да стави до знаење дека останува доследен на своите принципи и вредности, дистанцирајќи се од какви било шпекулации кои можат да го нарушат угледот на клубот и македонскиот фудбал во целина.