ФК Преспа бара одговорност за немилиот настан во Волино, ФК Сатеска се извини!

За немилиот настан кој се случи во Волино за време на мечот меѓу Сатеска и Преспа од 15. коло на Трета лига – Југозапад кој заврши без победник (1:1), гостинот од Ресен бара одговорност откако нивниот фудбалер беше удрен со нова во глава после натпреварот.

„Во рамки на 15. коло на Трета лига – Југозапад, ФК Преспа гостуваше во село Волино против домаќинот ФК Сатеска. Натпреварот заврши со резултат од 1:1, во кој стрелец за нашата екипа беше Неџми Реџепи во 93. минута. Она што се случи после натпревар е човек да се запраша дали вреди во оваа држава да се занимаваш со фудбал и дали родителите да ги пуштат своите деца да тренираат фудбал и дали воопшто да се занимаваат со спорт.

Крајно време е некој да сноси одговорност. За натпреварот навремено беше пуштено барање да се прогласи од висок ризик, што значи дека е неопходно присуство на полиција, за жал на натпреварот немаше ниту еден полицаец.

За домаќините не знаеме што да напишеме повеќе, лани заминавме со скршена нога, годинава уште полошо. Да се напаѓаат играчи и од фудбалерите и од публиката која непречено влета во теренот е крајно некоректно и неспортски.

Ние се надеваме дека ќе има ригорозни санкции за сите што се одговорни за овој случај и дека никогаш никој нема да ја осети онаа болка што ја осеќаме за нашето дете воедно и нашиот најдобар играч.

Неџми Реџепи брзо опоравување и те чекаме да ни се вратиш уште посилен и подобар“, се вели во соопштението на ФК Преспа од Ресен.

Овој настап е потврден и од страна на СВР Охрид.

„На 13.04.2025 во 22.00 часот во селото Волино, општина Дебрца, полициски службеници од СВР Охрид од слобода го лишија С.Б.(43) од истото село. Тој, по завршување на фудбалски натпревар од Третата фудбалска лига во Волино, физички го нападнал Р.Н.(25) од ресенското село Грнчари, фудбалер од гостинската екипа, кој бил пренесен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид за укажување помош. По целосно документирање на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираат од СВР Охрид.

Во записникот од мечот е наведено дека фудбалерот е удрен во глава со нога.

„По завршувањето на натпреварот настана мешаница, по што играчот со број 9 на домашната екипа и играчот со број 8 од гостинската екипа делеѓи се да нема проблеми, се засопнаа и паднаа на земјата. На теренот за време на турканицата влегоа повеќе лица кои не беа во записник, при што еден од нив со нога го удри играчот со број 8 од гостинската екипа во пределот на главата, при што изгуби свест при што од страна на докторот беше повикана брза помош. Следува дополнителен извештај“, се вели записникот во делот за примедби на делегатот.

Клубот домаќино односно ФК Сатеска се извини за овој настан.

„Во врска со инцидентот кој се случи во неделата по завршувањето на дерби натпреварот од Третата лига Југозапад, во село Волино, помеѓу екипите на ФК Сатеска-ФК Преспа изразуваме длабоко жалење и крајно се оградуваме од потегот на нашиот навивач, кој сосема неодговорно влезе во теренот и на крајно некоректен и без никакво оправдување начин тешко го повреди гостинскиот играч Неџми Реџепи. Со овој потег нанесе голема црна дамка и на нашиот клуб и нашето село, за што најостро го осудуваме и најдлабоко се извинуваме, ако е тоа можно, пред се до повредениот играч и неговото семејство и секако до ФК Преспа, со кој сме имале одлични односи. За нас уште попоразителен е фактот што до тој момент ништо не навестуваше дека ќе дојде до таква немила сцена.

Натпреварот од наша страна беше уредно пријавен во СВР Охрид, а по нашите информации истиот од комесарот за натпревари на Третата лига беше прогласен за натпревар од висок ризик. Меѓутоа полициски службеници на СВР не беа присутни на натпреварот. Исто така ,од наша страна беше обезбедено медицинско лице, лекар со сертификат за спортски натпревари и камерман. Целиот натпревар беше фер и коректен од двете страни, буквално без ниту еден поостар старт. Од 73 минута водевме со 1 0,а гостите изедначија во 94 минута од најблаго речено сомнителен пенал .Но, тоа сега е најмалку важно. По завршувањето на натпреварот дојде до турканица меѓу играчите на двете екипи ,кај гостинската клупа, наводно заради меѓусебни пцовки на играчите.

Во тој момент се случи немилиот настан,к ој воопшто во сенка го фрли и добриот натпревар, а во таа ситуација резултатот најмалку беше важен. Од лекарот и наши играчи на повредениот му беше укажана прва лекарска помош, а при транспортот и во болницата наши играчи цело време беа присутни таму.

Со ова не бараме никакво оправдување. Како клуб ја прифаќаме нашата одговорност, особено во делот на влегување во теренот на непријавени лица. Уште еднаш најостро го осудуваме потегот на нашиот навивач. На Неџми уште еднаш најдлабоко му се извинуваме и му посакуваме брзо опоравување и враќање на спортските терени. Сите одговорни за настанот, вклучително и ние како Клуб да си ја понесеме одговорноста и да научиме голема лекција, бидејќи последиците можеа да бидат уште потрагични. Како Клуб долго ќе ја носиме оваа црна дамка, од која никогаш нема да се опоравиме. Секогаш ќе не потсетува на нешто што никако не смееше да се случи и кое во иднина ако продолжиме да играме секогаш ќе ни претставува дополнителен товар во нас. Уште еднаш изразуваме искрено длабоко жалење“, се вели во соопштението на ФК Сатеска.

Ова беше дерби меч меѓу првиот Преспа и вториот Сатеска на табелата за баражот за Втора лига.

Александар Ванев, М-Нет