
Утре, недела на стадионот Вембли во Лондон ќе се спушти фудбалската завеса наречена „ЕУРО 2020“ со одигрување на финалниот натпревар помеѓу Англија и Италија. Натпревар кој многумина навивачи, симпатизери од целиот свет го очекуваат со нетрпение за да дознаат чии витрини ќе ги краси европскиот шампионскиот пехар. За селекцијата на Англија ова ќе биде прво историско европско финале, сите погледи ќе бидат свртени кон селекторот Герет Саутгејт и неговите избраници за да конечно дојдат до оваа шампионска титула која толку недостасува во нивната фудбалска колекција.
Од другата страна за селекцијата на Италија ова ќе биде четврто финале на европските првенства со само една освоена титула и тоа во далечната 1968 г.кога противник им беше Југославија. Првиот меч заврши нерешено 1:1 со головите на Драган Џајиќ и на Доменгини, се играше продолжение, но без промена на резултатот. Во повторениот, втор натпревар Италија ја победи Југославија со резултат 2:0 со головите на Луиџи Рива и на Пјетро Анастази и се искачи на самиот европски врв. Селекторот Роберто Манчини засега е вистински херој на италијанската селекција откако едноставно ја препороди оваа репрезентација и предизвика восхит и воодушевување кај сите искрени љубители на фудбалот. Едноставно сите очекуваат фер, коректен и со голови богато зачинет натпревар во кој навивачите ќе уживаат како вистинска круна на овој фудбалски шампионат на кој пак свое историско учество имаше и репрезентацијата на Македонија. Финалето Англија – Италија ќе се одигра на стадионот Вембли во Лондон во недела 11 јули со почеток во 21.00 часот. Главен судија ќе биде холанѓанецот Бјорн Кујперс кој на интернационалната сцена фигурира од 2006 година и ова ќе му биде седмо финале на големите меѓународни натпреварувања.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk