Филипче бара оставка од министерот за здравство

Министерот за здравство и сите надлежни институции мора да понесат политичка и кривична одговорност за случајот со загадената вода во Гостивар, бидејќи со своето непостапување го доведоа во ризик здравјето на граѓаните, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

„Загадувањето на водата започнало уште на крајот на јуни. И никој не реагирал. Никој ништо не кажал. Ги оставиле луѓето во Гостивар да пијат загадена вода. Институциите со недели молчеле. Не само што молчеле, туку ја прогласиле водата за питка, дека можела да се пие. Кои се овие луѓе што ја водат државата? Знаат ли што прават?“, обвини Филипче.

Претседателот на СДСМ посочи дека контролата на институциите не функционирала и дека Основното јавно обвинителство мора да отвори постапка по допрен глас.

„Ова покажува дека контролните механизми во државата, во овој конкретен случај во рамките на здравствениот систем, едноставно не функционираат. Здравјето на граѓаните е доведено во прашање. Граѓаните мора едноставно да го знаат тоа. Како ќе се заштити населението со тоа што обвинителството не го кажува овој факт?“, рече Филипче.

Филипче потенцираше на фактот дека додека обвинителството и институциите молчеле, епидемијата се прошири во Гостивар, а резулат на тоа е- отруени 3000 илјади луѓе.

„Додека од обвинителството тактизирале, а сите здравствени институции и авторитети молчеле, епидемијата се ширела во Гостивар. Како резултат на овој пристап се отруја 3.000 луѓе во Гостивар. Сите коишто учествувале во прикривање на овие информации мора да сносат и политичка и кривична одговорност, министерот за здравство, директорката на Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и обвинителството. Бараме политичка одговорност и оставки од овие луѓе, затоа што си поиграа и си поигруваат со здравјето на граѓаните и со уставно загарантираното право на граѓаните на здравје“, апелираше претседателот на СДСМ.

Филипче посочи дека случајот со Гостивар не е изолиран инцидент, туку најдраматичен доказ за нефункционирањето на системот и за тоа колку институциите се оштетени и лошо менаџирани од власт предводена од Мицкоски и ВМРО.

Текстот Филипче бара оставка од министерот за здравство е превземен од МАКФАКС.