
Денес започнува Светското првенство во ракомет кое се одржува во Хрватска, Данска и Норвешка, а Македонија групната фаза ќе ја игра во хрватскиот град Вараждин, што е голема предност пред се за македонската „фаланга“ која се подготвува за навивање во овој хрватски град.
Досега се продадени над 1.000 влезници што значи дека Македонија предводена од селекторот Кирил Лазаров ќе има солидна поддршка од трибините на натпреварите од групната фаза.
„Фалангата“ ќе се загрева со пиво пред натпреварите кои ќе ги игра Македонија. Момците на Лазаров утре ќе го отворат Светското првенство со меч против Унгарија со почеток од 20:30 часот, во петок ќе игра против Холандија со почеток од 18:00 часот, а последниот меч од групната фаза го играме против Гвинеја в недела од 18 часот.
Очекувањата се дека Македонија ќе ја помине групната фаза и ќе обезбеди следен сегмент од Мундијалот, како фаворити ќе играме против Гвинеја, репрезентација која треба да ја добиеме и да обезбедиме следна фаза.
„Фалангата“ ќе грми во Вараждин и ќе биде осмиот играч на македонската репрезентација.
За Македонија ова ќе биде деветто учество на Светските првенства, првото учество македонската репрезентација го имаше во далечната 1999 година во Египет, тогаш завршивме на 18. место. Потоа пропуштивме четири Светски првенства, па се вративме на Мундијалите во 2009 година во Хрватска кога завршивме на 11. место со пет победи.
Мундијалот во 2011 година го пропуштивме, а потоа фативме ритам од пет учества во низа. Во 2013 година бевме 14-ти, во 2015 во Катар бевме деветти нашиот најдобар пласман на Светските првенства, во 2017 година во Франција завршивме на 15. место, а тој пласман го имавме и во 2019 година.
На Мундијалот во 2021 година завршивме на 23 место, а пак на последното Светско првенство во Полска и Шведска пред две години го имавме најлошиот пласман откако завршивме на 27 место.
Сега одново се враќаме во Вараждин, градот кој за Македонија буди убави спомени и да се надеваме со поддршката од „фалангата“ Македонија да забележи добар резултат.
Александар Ванев, М-Нет