Фаворитите одиграа според планот, Осогово прослави голема победа во Радовиш заедно со „Сејмени“, радост за Големо Коњари

Фаворитите во Втората македонска фудбалска лига беа перфектни и одиграа според планот освојувајќи ги трите бодови, а со тоа нема промени на врвот од табелата, односно конкурентите за Прва лига ги задржаа позициите кои ги имаат.

Брегалница без проблеми славеше со 0:3 на гостувањето во Ресен каде ги собра трите бодови и се загрева за дербито против Охрид.

Тренерот Влатко Костов, но и самите играчи велат дека теренот во Ресен бил лош за игра, но сепак дале се од себе за да ја оправдат фаворитската улога и да стигнат до трите бодови.

Охрид славеше со 4:0 на домашен терен против Вардар Неготино, Шкендија Арачиново исто така без проблеми ја декласираше екипата на Слога во Виница, а пак Беласица со 3:1 го доби дуелот со Тетекс. Од водечките екипи само Скопје имаше потежок предизвик и со минимални 1:0 го доби дуелот со Кожуф.

Осогово ја продолжува фантастичната форма во која игра оваа пролет, преку пресврт со 2:4 славеше над Детонит Плачковица во Радовиш. „Жетварите“ од Кочани победата ја прославија со верните „сејмените“. Радовишани имаат три порази во низа.

Детонит Плачковица двапати водеше, а двапати стигнаше Осогово за 2:2 на полувреме, во вториот дел се случи и комплетниот пресврт. За тимот од Кочани хет-трик имаше Филип Димоски кој стрелаше против својот поранешен клуб заедно со Христијан Поп Антоски, а пак за домаќините Ѓорѓиевски и Мичковски беа стрелци.

Единствениот меч без погодоци беше тој меѓу Каменица Саса и Новаци каде двете екипи ги поделија бодовите играјќи 2:2, а пак Големо Коњари стигна до вториот сезонски триумф славејќи над Победа со 2:0.

На табелата нема промени, Охрид, Шкендија Арачиново, Скопје, Брегалница ја продолжуваат борбат за првото место, Беласица напаѓа од сенка, сега Осогово е на шестото место и ќе го напаѓа петтото место.

Александар Ванев, М-Нет