
За два дена бензините поскапеа за 8,5 денари, а дизелот за дури 18,5 денари. Согласно со мерката Регулаторна да одлучува за цените на дневнo ниво од полноќ има ново покачување на цените на горивата. Дизелот речиси се изедначи со бензините, па литар дизел од денес ќе ве чини 94 денари. Само денар помалку, односно 93 денари, ќе ве чини литар бензин Евросупер 95, а денар повеќе од дизелот, односно 95 денари, ќе ве чини литар бензин Евросупер 98.
Стандардно, граѓаните вчеравечер ги полнеа резервоарите по нешто пониска цена, но истото можеа да го сторат само на дел од бензинските, бидејќи другиот дел беа затворени.
Собранието, пак, уште не стигна да го изгласа пакетот од 26 мерки за ублажување на последиците од кризата, а Владата само што најави намалување на акцизата, веќе стигна нова висока цена на горивата. Со намалувањето на акцизата треба да следува и намалување на цената на горивата, кај дизелот за 10,5 денари, а кај бензинот за 11,5 денари. Дизелот ќе се продаваше по 75 денари за литар, а бензините по 78 и 80 денари. Меѓутоа, со новото покачување овие цени изгледаат недостижни.
Како дел од пакетот мерки кој Владата го донесе вчера е и намалувањето на стапката на ДДВ на 10 проценти за дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, како и намалување на трговската маржа за 33% на сите трговци со нафтени деривати.
Според првиот човек на Регулаторна, Марко Бислимовски, државата мора да ги следи цените на берзите за нафтени деривати, во спротивно може да останеме без гориво на бензинските пумпи.
Ребека Спасова М-Нет