Учениците од машинската струка при СОУ „Коле Нехтенин“ присуствуваше на обука за 3Д принтер и скенер

Обука за ЗД принтер и 3Д скенер им беше одржана на учениците од машинската струка при штипското средно училиште „Коле Нехтенин“. Преку проект на УСАИД насловен „Млади кои создаваат можности, професори од ИноФаб Лаб од Технолошко-металуршкиот факултет практично им покажаа како да создаваат производи со оваа алатка, која во земјава е релативно нова технологија.

„Иднина има, а можностите ние со оваа активност денес почнуваме да ги креираме. Се разбира, 3Д принтањето е нова технологија, којашто во светот е нешто пред нас, меѓутоа во нашата држава почнува активно да ја користат многу и бизнисмени, меѓутоа и млади луѓе. Учениците, се надевам, се запознати, затоа што тие имаат можност да слушнат за оваа технологија, меѓутоа денес ќе имаат можност и да се запознаат реално како тоа изгледа во пракса“, вели проф. д-р Игор Јорданов, професор на ТМФ Скопје.

Директорката на средното училиште посочи дека ваквата практична настава е многу корисна за учениците во машинската струка, па поради таа причина на почетокот на учебната година набавиле ЦНЦ машина.

„Овој тип на обука е многу значаен за нашите ученици, бидејќи тие ќе имаат можност да видат нешто поинаку од она што го работат во нашето училиште, а тоа ги отвора и нашите перспективи како училиште да се потрудиме да набавиме и 3Д принтер и скенер во иднина. На почетокот на учебната година за потребите на машинската струка беше набавена ЦНЦ машина којашто за кратко време на нашите ученици им овозможи поголеми знаења од областа којашто ја изучуваат“, вели Јованка Шалева, директорка на СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип.

Иако ја имаат кратко време, учениците велат дека новата машина им овозможила да се стекнат со нови практични вештини.

Инаку, 3Д принтер имаат неколку училишта во Скопје и Кочани, а обуката досега се одржуваше на Технолошко-металуршкиот факултет. Штип е прва општина-домаќин на обуката надвор од Скопје.

Ребека Спасова М-Нет