
„Јазикот е чудна ѕверка“ и „Храброста на жената“ се двете книги коишто утре ќе се промовираат во Кафе книжарница „Арт“. Едната од нив, хибридна збирка со куси лични истории, рецензии и есеи на авторката Марина Костова и дргугата, трета по ред книга на штипјанката Силвана Панова ќе може да се купат потпишани на промоцијата.
„Во сабота, на 25 јуни, со почеток од 12 часот, ги повикуваме граѓаните на Штип да дојдат на промоцијата на Марина Костова, авторка на книгата „Јазикот е чудна ѕверка“. Инаку, авторката е награден новинар и филмски критичар. Книгата е во издание на издавачката куќа „Или-или“, корицата е изработена од уметникот Ангел Паневски, а поговорот е на Милчо Манчевски. Пред настанот, во 11 часот ќе имаме друг настан, каде што книга ќе потпишува нашата сограѓанка Силвана Панова, која е веќе позната во нашиот град како автор. Ова е нејзино трето дело, претходно има напишано две книги, а оваа е најновата. Таа ќе биде гостинка, ќе ја потпишува книгата. Ги повикувам читателите кои се запознати со нејзиното дело да повелат и да ја испочитуваат авторката“, истакна Габриела Јованова.
Вакви промоции во штипската книжарница не се организираат за првпат. Напротив, српската авторка Оливера Ќирковиќ и други претежно македонски автори и претходно привлекле голем интерес кај штипјани, особено кај помладите генерации.
„Неколкупати веќе имаме организирано промоции и со други автори. Малку поради ситуацијата бевме стопирани, но сега веќе продолжуваме поинтензивно. Многу значи таков настан, запознавањето со авторките, со нивните живот и дело, еден пишан збор може многу да помогне некому. Особено ме радува што младите луѓе денес купуваат и читаат и тоа е една голема надеж за сите нас“, додава Јованова.
Јованова вели дека како што се чита книга во последните пет години, никогаш толку не се читало, а промоцијата утре нема да биде последна. Упати покана до сите заинтересирани да присуствуваат на промоциите и да продолжат читаат книги.
Ребека Спасова М-Нет