
Во Штип успешно се реализираше меѓународниот шаховски турнир „Штип Опен 2026“ во организација на клубот Нов Напредок со учество на натпреварувачи од Македонија и соседството.
Донче Јорданов кој е секретар на шаховскиот клуб Нов Напредок од Штип вели дека се задоволни од самата организација, но најповеќе од нивните млади шахисти Петар Донев и Лукијан Тенев.
„Навистина сме многу задоволни од организацијата и од резултатите што ги постигнааа најповеќе нашите двајца младинци. Едниот освои пет поени, а едниот четири и пол поени. За ваков турнир со нивен квалитет тоа е голем успех, бидејќи рејтингот и двајцата го покачија за 100 поени. Се работи за Петар Донев и Лукијан Тенев“, изјави Јорданов.
Победникот на овогодишеното издание на „Штип Опен 2026“ е побединкот од првото издание на овој турнир кој се одржа во 2024 година.
„Победникот на турнирот е победникот од првиот турнир од 2024 година, интернационалниот мајстор Сарачи од Косово. За жал оваа година немавме натпреварувачи од Грција, но имавме од Бугарија, Косово, Србија и Македонија. Првите четири места ги освоија тие натпреварувачи“, дополнува Јорданов.
На турнирот во Штип учество земаа 111 натпреварувачи што го потврдува големиот интерес, без било какви забелешки во делот на самата организација.
„Ова ни беше трет турнир. Мислам дека најкоректно го организиравме. Кај нас во клубот постои една поделба на работите, секој си знае. Претседателот има една улога, јас има друга, другите членови имаат трета улога и така натаму. Сите сме ангажирани во овој настан за истиот да биде успешен и да нема пропусти, бидејќи имавме 111 натпреварувачи и не може да се погодат сите вкусови. Но, важно е дека немавме ниту една забелешка од луѓето коишто доаѓаат од страна“, вели Јорданов.
Ова беше трето издание на „Штип Опен“, турнир кој веќе прераснува во традиција, а со тоа се враќа традицијата на шахот во Штип, бидејќи интересот за овој спорт во градот под Исарот е се поголем, а потврда е тоа што штипскиот шаховски клуб Нов Напредок има и своја младинска школа, каде младите може да ги направат првите чекори во светот на шахот.
Александар Ванев, М-Нет