Уредени паркови и средени површини се пасија на Зоран Стојанов од Штип

Бујната вегетација годинава значи повеќе работа за вработените во ЈП „Исар“, зеленило и паркови. Зоран Стојанов е еден од вработените во ова јавно претпријатие. Утринава негова задача беше да се коси тревата покрај река Отиња. Вели работата не е тешка, има соодвтена опрема и доволно мотивација и на крајот од денот неговото дело го краси коритото на река Отиња. Централното градско подрачје, приградските населби и села во Штип се на листата локации на кои работи секојдневно.

„Работеме на територија на целата општина Штип со приградските населби и селата. За осум часа дневно со пауза од еден час некаде околу три декари земја работеме.“ – вели Стојанов.

Освен јавните површини кои се во надлежност на Јавното претпријатие Исар, вели се помага и на сите физички лица кои имаат потреба и кои ќе се јават да им се искоси трева, уреди парк или слично. Се уредува и просторот кај пешачката патека со цел безбедно да се движат спортистите и рекретивци.

„Кој се јаве на секој му излегуваме во пресрет. Шишаме ја обавезно патеката за спортистите да уживаат покрај реката Отиња.“ – додава Стојанов.

Уредување на тревни површини, засадување цвеќиња, одржување на дрвцата се дел од работите кои Стојанов и неговите колеги од ЈП „Исар“ ги работат секојдневно. Градот да биде чист и уреден е главната цел за подобар живот и на граѓаните.

Лаура Стојанова М-Нет