Улицата „Астибо“ во Штип подготвена за асфалтирање

За асфалтирање денеска се подготви и улицата Астибо во Штип. По повеќе од четири децении се изгреба стариот и дотраен асфалт, а во наредните денови ќе се пристапи и кон асфалтирање на оваа улица. Увид во градежните активности на лице место изврши градоначалникот Иван Јорданов, кој истакна дека во наредниот период ќе се асфалтираат и низа други улици.

„се наоѓаме на улицата Астибо. Денес се врши припрема за асфалтирање со отстранување на стариот и дотраен асфалтен слој, со вкупна површина од 570 метри квадратни. Во текот на наредните денови ќе се нанесува нов асфалтен слој, вредноста на оваа инвестиција која е издвоена од парите на граѓаните од Буџетот на Општина Штип е некаде околу 400 илјади денари. Ова е по барање на граѓаните“ – вели Јорданов.

Жителите од овој дел од градот се задоволни од она што се прави на терен, сугерираат само да се преземат активности за уредување и на тротоарните површини.

Секојдневни проблеми пријавуваат граѓаните во општината постојано, а Јорданов истакна дека на цела територија на Штип ќе се реагира и ќе се стави крај на досегашните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

„Секојдневни проблеми, секојдневни барања од страна на жителите добиваме, затоа што со години наназад не се работело, се таложеле проблемите. Ресурсите со кои располагаме се ограничени, да ги реализираме ветените проекти, но и проблемите“ – додава Јорданов.

Во периодот кој следи најавена е пролетна градежна офанзива на подрачјето на Штип.

Лаура Стојанова М-Нет