УГД – Штип нема целосно да се затвори поради кризата, се работи на енергетска ефикасност

До целосно затворање на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип поради енергетската криза не би требало да дојде. Вака ректорот, Дејан Мираковски, ја оценува претстојната тешка зима. Според него, универзитетскиот буџет е во солидна кондиција и очекуваат да дојде до неможност да си ги покријат трошоците.

„Засега не се планираат никакви промени во начините на функционирање, ќе пробаме распоредите да ги направиме флексибилно. Се надевам дека нема да дојде до тоа, но цените се непредвидливи, иако Универзитетот е во солидна кондиција. Не би требало да ни се случи да мораме да затвориме заради недостаток на енергија или да не може да си ги подмириме трошоците за енергија“, истакна Мираковски во емисијата „Зум анализа“ на М-Нет Телевизија.

Универзитетот веќе презема мерки за ублажување на последиците од енергетската криза. Поставувањето фотоволтаици иако е долг процес, ќе се случи на сите објекти коишто се директно зависни од електричната енергија. Во објектите коишто се греат на нафта, Мираковски не очекува проблеми.

„Меѓутоа, веќе правиме одредени активности и програми како одговор на кризата. Веќе инициравме промени во планот за набавки, дадовме да се проектираат фотоволтаични централи, ќе почнеме да ги инсталираме. Треба време за целото тоа, меѓутоа планираме да почнеме релативно бргу во сите објекти во кои сме директно зависни од електрична енергија. Објектите во коишто греењето е на нафта, верувам дека без проблем ќе функционираат, тоа е веќе обезбедено, но во меѓувреме ќе работиме и на озеленување на целиот Универзитет или некоја енергетска независност на објектите и мислам дека тие инвестиции бргу ќе ни овозможат да ја немаме оваа дискусија како проблем“, додава Мираковски.

Проблеми не се очекуваат ниту во Универзитетската спортска сала „Јордан Мијалков“. Одвивањето на спортските активности, веројатно, ќе претрпи некои промени, меѓутоа нема да доживее целосен застој. Одлуката ќе се донесува во соработка со спортски клубови и факултетите.

„Сите клубови тренираат како што тренирале и досега, нема промени. Јас се надевам дека така и ќе остане. Цените се непредвидливи, за жал не знаеме. Јас мислам дека и нема точни пресметки, меѓутоа се предвидува дека цените ќе надминат астрономски 1.000 евра за мегават. Тоа е, веројатно, состојба којашто ќе нѐ натера да преземеме одредени мерки и рестрикции, но сето тоа ќе се прави во соработка со клубовите и факултетите. Прекинување на активностите нема да има, но сигурно ќе мора да има прилагодување“, вели ректорот.

Надлежните се согласни дека сите напори се во насока секторот образование најдоцна да ги почувствува последиците од кризата. На енергетско ефикасни фасади се работи и во градинките и училиштата во сите општини, а менаџерските тимови веќе имаат изготвено и планови за рационализација на трошоците.

Ребека Спасова М-Нет