
Поранешниот Претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, е лишен од слобода во рамки на акција на Министерството за внатрешни работи (МВР), реализирана во соработка со Јавното обвинителство, пренесува „Скопје1“, повикувајќи се на извори од истрагата.
Според неофицијални првични сознанија, против поранешниот прв човек на ФФМ постои сомнение за проневера на околу 700.000 евра, средства кои УЕФА ги доделила за изградбата на трибина во Охрид.
„Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба. Се уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинител, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствијата кои се во тек, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје“.
Претходно, поранешниот претседател на ФФМ, доби дисциплинска санкција, суспензија поради, како што беше наведено, измама и доведување во заблуда на Управниот одбор.