
Фудбалскиот клуб Шкупи минува низ турбулентен период, откако тренерот Еркан Мурсели официјално поднесе оставка, а клубот се раздели и со неколку важни планови поврзани со играчкиот кадар.
Во своето јавно обраќање, Мурсели истакна дека одлуката за повлекување ја донел поради последните случувања во клубот и недостигот на институционална јасност. Тој нагласи дека функцијата ја прифатил од љубов и почит кон Шкупи, вложувајќи максимален професионален и човечки ангажман, но во создадените околности сметал дека продолжување на соработката не е возможно. На заминување му посака стабилност и успеси на клубот во иднина.
Покрај оваа промена, со емотивна порака од Шкупи се прости и фудбалерот Чихан Адили, кој истакна дека клубот бил местото каде што израснал и како играч и како човек, потенцирајќи дека спомените од тренинзите и натпреварите во чаирскиот клуб ќе ги носи засекогаш.

Дополнителен удар за клубот е и фактот што пропаднаа најавените трансфери на Бујар Илази и Еркан Шаип. Иако постоел договор за нивно доаѓање, поради новонастанатата ситуација во клубот, трансферите не се реализираа. Двајцата фудбалери сега се слободни играчи и претставуваат интересна опција за клубовите кои бараат офанзивни засилувања. Во изминатата сезона Илази и Шаип настапуваа за Шкендија Арачиново.
Во наредниот период останува да се види како Шкупи ќе ја стабилизира ситуацијата и какви потези ќе повлече раководството со цел тимот да остане конкурентен во продолжението од сезоната.