Тројца починати во штипската болница, 84% на кислородна поддршка, 63% вакцинирани

Тројца починати во штипската болница како резултат на компликации од Ковид – 19. Вкупно 45 ковид – позитивни пациенти во штипската и кочанската болница. Имено, последниот извештај на Клиничка болница Штип покажува вкупно 41 ковид – позитивно лице. Хоспитализирани се 30 пациенти на Инфективното и еден на Кожното одделение, а десет има и во дневната болница. Испишани се двајца пациенти, но и новопримени исто толку. Починале три лица од кои едно на 72 годишна возраст од Виница, едно на 74 годишна возраст од Штип и едно од Радовиш на 66 години. Од хоспитализираните 26 се на кислородна поддршка, а вакцинирани се 19 лица. На Инфективното одделение има 27 слободни кревети за ковид – позитивни лица, а на Кожното одделение девет, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во Општа болница Кочани, пак, во последните 24 часа нема новопримени, ниту испишани пациени, а нема ни починатич. Бројот на хоспитализирани е четири од кои половината, односно двајца се вакцинирани. На Интерното одделение кое работи како ковид – оддел има 23 слободни места за ковид – позитивни лица, информираат од болницата.

Во Истокот активни се вкупно 229 случаи на Ковид – 19. Бројот секаде е двоцифрен, единствено Пробиштип и Македонска Каменица бележат едноцифрен број на позитивни на Ковид – 19, осум во Пробиштип и три во М. Каменица. Најмногу случаи има во Штип, односно 99 ковид – позитивни лица.

На територија на цела држава во последните 24 часа регистрирани се вкупно 1.091 нов случај на Ковид – 19, што е вкупно 36% од направените тестирања. Од нив, 156 се реинфекции. Оздравени, пак се 2.322 лица, а починале 23 и уште 13 пријавени преку системот Мој термин.

Според информациите од Министерството за здравство, заклучно со вчера, во земјата се направени вкупно 1.855.720 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 289.797, бројот на оздравени пациенти е 272.184, на починати е 8.829, а бројот на активни случаи изнесува 8.784.

Ребека Спасова М-Нет