Третолигашкото дерби меѓу Карбинци и Ударник во вечерен термин под рефлектори!

Фудбалскиот клуб Карбинци есенската полусезона во Трета лига – Исток ја затвара на домашен терен со дерби меч против екипата на Ударник од Пирава, кое ќе биде вистинско дерби на две екипи кои играат одлично и се во самиот врв на табелата.

Но, овој дерби меч е планирано да се игра под рефлектори дознава М Нет телевизија, што ќе биде вистински фудбалски спектакл за цела општина, но и за цел регион на Истокот, што уште еднаш потврдува дека овој клуб е одлично организиран и сака да направи чекор повеќе кога се во прашање домашните натпревари со играње и во вечерен термин.

Градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов, за М Нет телевизија истакна дека фудбалскиот клуб е подготвен за овој дерби меч да го одигра под рефлектори, бидејќи такви услови има самиот терен.

„Можам со задоволство да кажам дека ФК Карбинци функционира одлично во изминатиот период или во овие четири години. Општината Карбинци е единствениот поддржувач во финансиска смисла на овој клуб и резултатите конечно да доаѓаат во изминатата и во оваа натпреварувачка сезона. Исклучително сум задоволен со тенденција да ги подобриме овие резултати. Се размислуваше на одигрување на овој натпревар во вечерен термин, такви услови имаме ние како општина Карбинци односно фудбалски клуб и самата наша инфраструктура, имаме информации дека е прифатено од страна на Сојузот на Трета лига на федерација и очекувам овој натпревар како последен во овој есенски дел да се оддржи во еден вечерен термин на стадионот во Карбинци под едни услови кои што ги имаме, а се солидни, осветлување кое што е задоволително. Мислам дека ќе биде еден добар натпревар за сите љубители на фудбалот“, вели градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов за М Нет телевизија.

Како што открива градоначалникот Паунов, сојузот на Трета лига – Исток го има прифатено барањето за овој меч да се игра под рефлектори, па тоа ќе значи дека на фудбалскиот терен во општина Карбинци ќе се одигра натпревар под рефлектори што ќе биде вистински фудбалски празник за самата општина, а знаејќи ја тежината на мечот ќе биде вистинско дерби со голема борба за трите бодови.

Инаку, фудбалскиот клуб Карбинци веќе неколку сезони наназад бележи одлични резултати во Трета лига – Исток, но и редовно зема учество изминатите сезони и во фудбалскиот Куп на Македонија, каде се покажува како одличен домаќин и организатор на Куп натпреварите.

Третолигашот Карбинци во изминатите сезона во Купот на Македонија се соочуваше со прволигашите Силекс, Воска Спорт, Работнички, како и екипата на Победа.

Александар Ванев, М-Нет