
Тренерската работа во македонскиот фудбал воопшто не е стабилна, многу често клубови менуваат тренери, како да секогаш само тренерите се виновни за лошите резултати.
Дури седум екипи во Првата македонска фудбалска лига промени тренери, што само по себе говори за тоа дека тренерската работа не е стабилна, иако тренерите имаат договори со клубовите, најчесто двете страни се разделуваат спогодбено.
Шкупи, Работнички, Пелистер, Тиквеш, Македонија ЃП, Брера Струмица и Башкими се екипи кои досега променија тренери.
Башкими пред почетокот на подготовките се раздели со Блаже Јанакиевски, тренерот кој го внесе клубот во Прва лига по 17 години, а на негово место дојде Муарем Муарем. Но, клубот од Куманово реши да се раздели со Муарем и на негово место го врати Јанакиевски, кој со деби против Работнички го започна неговиот „втор мандат“ на тренерското столче на Башкими.
Брера Струмица се раздели со Панче Стојанов, а на негово место дојде Мартин Алаѓозовски, младиот тренер ја прероди „младата“ Брера која забележа одлични резултати и се искачи во средишниот дел од табелата.
Македонија ЃП остана без тренер откако Бобан Грнчаров си поднесе оставка, откако во фудбалските кругови кружат информации дека тимот од Ѓорче има нови сопственици, па останува прашањето кој ќе биде наследник на тимот.
Тиквеш се раздели со Ѓорѓи Мојсов, а на негово место пристигна Борче Христов, кој сега го води прволигашот од Кавадарци.
Тренерска промена се случи и во Пелистер каде на местото на Димитар Капинковски пристигна Милан Стојановски, а тренерски промени има и во Работнички. Тимот од Дебар Маало на почетокот од сезоната го водеше Бојан Марковски, но не издржа долго па пристигна Алпарслан Ердем како шеф на стручен штаб заедно со тренерот Бобан Бабунски, но по серијата лоши резултати се разделија, па се очекува за време на репрезентативната пауза клубот да назначи нов тренер.
Во Шкупи се случија неколку тренерски промени, таму тренер беше Алпарслан Ердем, потоа дојде Умин Шахин, а последно беше промовиран Минас Османи.
Во Втората лига е нешто постабилна ситуацијата, „само“ три екипи промени тренери.
Беласица промени тренер откако Александар Стојанов поднесе оставка, а на негово место дојде Панче Стојанов, кој на почетокот од оваа сезона го водеше прволигашот Брера Струмица.
Тренерска промена се случи во Победа, Стојанче Дунимаглоски си поднесе оставка, а не негово место пристигна Филип Мирчески.
Промена на тренеското столче имаше и во Слога Виница, клубот го водеше Емил Грнев, но тој си замина, а клубот официјално не провираше нов тренер, а клубот сега го води Дејан Михајлов, останува само дали тоа ќе биде привремено решение или сепак клубот ќе назначува нов тренер.
Не е исклучено на полусезона и други тренерски промени како во Првата, така и во Втората лига.
Александар Ванев, М-Нет