Треба ли државата да ги покрие трошоците за лични документи со новото уставно име?

Треба ли државата да ги покрие финансиските трошоци за промената на личните документи и дали воопшто може да се случи тоа? Вакво прашање се отвори во јавноста откако актуелен стана проблемот со неможноста да се добие термин за промена на лична карта, возачка дозвола или пасош. Анкетираните граѓани на терен велат дека трошоците треба да се на товар на државата, бидејќи не ги менуваат по нивна желба, туку според рокот кој е даден.

Народниот правобранител, Насер Зибери, застана во одбрана на граѓаните и вели дека Владата треба уште еднаш да размисли за покривање на трошоците барем за личните карти, бидејќи тие се задолжителни за секој граѓанин. Сепак, за тоа треба да има одлука на Влада, да се издвојат средства, а, можеби, и да се направи ребаланс на Буџетот. Зибери не гледа дека активностите се одвиваат во таа насока.

„Уште еднаш Владата да ја разгледа можноста за евентуално покривање на трошоците во најмала рака за личните карти, кои се обврска која се наметнува со Законот за лични карти, каде што е предвидено секој граѓанин да има лична карта, односно документ за утврдување на идентитет. И за сите тие граѓани кои не по нивна вина остануваат без валидна лична карта треба државата да ја сноси одговорноста во материјална смисла, односно да го сноси финансискиот трошок кон граѓаните“, вели Зибери.

До август 2021 година сите лични документи се издаваа со името Република Македонија, иако уставните измени за промена на името во Република Северна Македонија минаа на почетокот на 2019 година. Зибери посочува дека токму тоа нѐ довело во ваква ситуацијa.

„Претпоставувам дека МВР имало намера да ги искористи старите обрасци, но тоа, пак, доведе до оваа ситуација во која сме. Прво, голем број на граѓани се изложени на дополнителен трошок, и второ, да не можат да добијат термин навреме да ги обноват своите лични документи. Од тие причини сметам дека Владата не направи добра проценка, ниту донесе некаков оперативен план за спроведување на оваа активност“, додава Зибери.

Зибери посочи дека со ова граѓаните се доведуваат во ситуација да не можат да си остварат и други права како што се подигнување на плата, пензија, право на социјална помош, уплата на рата, право на глас и слично. Законската обврска за промена на личните документи е до февруари 2024 година.

Лаура Стојанова М-Нет