
Уморот и брзото возење се најчестите причини за сообраќајните несреќи, тврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. На денешната прес-конференција тој апелираше до возачите во летниот период да не тргнуваат на пат доколку не се одморени, да прават пауза од најмалку 15 минути на секои два часа возење, да внесуваат доволно вода и да ја почитуваат дозволената брзина.
,,Би ги замолил сите оние кои што особено во рамки на овие жешки и летни денови управуваат моторно возило да возат одморени, да прават патузи по петнаесетина минути на секој два часа минимум, да доволно консумираат вода, особено во најтоплите саати во текот на денот. Да ги почитуваат сообраќајните правила, особено да ја почитуваат брзината, која што е пропишана во рамки на регулативите во Македонија. Најголем дел од сообраќајните несреќни се случуваат или затоа што имаме преголем умор на оние кои што го управуваат возилото или затоа што се управува пребрзо. Човековиот живот нема цена. Еден човечки живот да спасиме сите ние заедно повеќе ќе биде благодет.“, вели Тошковски
Секој еден сообраќаен прекршок кој што е сторен, ќе се достави до секој еден кој што го сторил, подвлече министерот Тошковски. Вели дека нема толеранција за никого, а правилата ќе важат и за возачите од странство.
Целта, како што посочува министерот, е да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се намали бројот на несреќи во летниот период. Пораката е дека со поголема внимателност зад воланот можат да се спасат човечки животи.
Дајана Сандева, М-Нет