Топло кафе прави чичко Делчо од с. Облешево за да заработи некој денар за леб наредниот ден

Топло кафе за продавачите, но и за купувачите прави чичко Делчо од село Облешево. Секој вторник вели излегува на пазарот и на граѓаните им нуди кафе кое го прави пред нив, а на тој начин заработува и по некој денар како што вели колку да има за леб наредниот ден. На сонце и студ, неговата скромна маса е поставена на пазарот и за неколку минути се добива свежо подготвено топло кафе. Претходно пазарот бил многу поголем и тогаш имало многу поголема заинтересираност од страна на граѓаните за кафе, сега нема народ па пред камерите на М-Нет телевизија вели дека прави од 10 до 20 кафиња.

„Те тоа работа, само вторници сум овде, немам друго што да работам. Правам турско кафе, нудам и ракиичка. Едно време правевме скара ама веќе не ни дозволуваат. Сега правам кафе, 20 денари е една чашичка кафе. Можам да продадам 10 до 20 кафиња на пазарот“ – вели чичко Делчо.

Чичко Делчо на пазарот во Облешево е подолго време, оти како што вели мора да се занимава со нешто за да може да заработи некој дополнителен денар. Засега е благодарен и на тоа што продава по дваесетина кафиња во текот на денот, за да може да има пари за леб за наредниот ден. Ако повторно вели почне да се продава стока, и повторно да работи сточниот пазар тогаш и за него ќе биде подобро и ќе има повеќе луѓе кои наутро во вторник ќе пијат кафе подготвено од неговите раце.

Лаура Стојанова М-Нет