
Цената на краставицата и компирот, како и на тиквичката повисока за 20 до 40 денари на градскиот пазар Штип. Ова се должи на студеното време и пониските дневни температури, велат продавачите. Производтсвото е намалено и затоа цената повисока. Ама додаваат дека оваа цена ќе биде пониска во наредниот период, а од денешниот пазарен ден се задоволни, како од раздвиженоста така и од побарувачката.
„Споредбено со претходниот петок е подобро, оти времето е поубаво и се троши веќе зеленото. Има побарувачка, цените се реални, краставицата е 80 денари, пиперот 120 денари, и да сакаш поевтино да продаваш не може. Слабо е и производството, а има цена убава. Производство нема оти нема кој да работи“ – велат продавачите.
Купувачите се свесни дека цените на производите за овој период од годината се реални, ама велат не се навикнати на високите цени оти им се ниски примањата.
И покрај тоа што држеа цена, пипер, домат, краставица и тиквичка имаше речиси на секоја тезга на пазарот во Штип. Воедно беа и најбараните и најпродавани производи, идентично како и сезонското овошје.
Лаура Стојанова М-Нет