Тешка сообраќајна незгода меѓу с. Балван и с. Крупиште, тешко повредени две лица

Тешка сообраќајна незгода утринава се случи на патот Штип – Кочани, поточно меѓу селата Долни Балван и Крупиште, кога дошло до директен судир меѓу две патнички возила, „пежо“ со винички регистерски ознаки кое се движело од Кочани кон Штип и „опел зафира“ со штипски регистерски ознаки кое се движело од Штип кон Кочани. Од СВР Штип истакнаа дека пријавата кај нив е пристигната во 06:55 часот утринава, привично со четири повредени лица. Полициски службенци беа на лице место на настанот, а увидот е во тек со што се очекува подетални информации во текот на денот. Причинета е материјална штета. Од Клиничка болница Штип информираат дека пренесени се четири лица, но две од нив веќе се пуштени на домашно лекување.

„Утринава со возилото на брзата помош од сообраќајна незгода во Клиничка болница Штип се пренесени четири лица. Од нив, две се со тешки телесни повреди и се сѐ уште на снимање и иследување. Прегледани се од ортопед и хирург. Другите две лица се со полесни телесни повреди и се пуштени на домашно лекување“, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Утринава патниот правец Кочани – Штип беше пренасочен и од двете страни, односно и од кај село Долни Балван и од кај Крупиште.

Лаура Стојанова МНет